Молк

Posted on 3:46 AM, under


Уште неколку часа од предизборниот молк. Сонот уште не ми дошол, иако после (утре) треба да бидам активен со моето присуство на едно од избирачките места во нашава држава. До сега не спомнав никаде ништо арно, ни лошо, ниту за еден од кандидативе. Идејата во Македонија луѓето да се маваат со ниски удари на тема политика, дури и кога од старт знаат дека стојат на различни страни ме иритира. Свесното влегување во разговор (ех, кога би било тоа), односно кавга ми било ступидно како фрлање врз пруга кога доаѓа воз. Тоа е и главната компарација која секогаш потсвесно ја користам за нашата држава. Овде до мојот град треба да има пруга. Таа е почната некогаш – негде, но никогаш не стигнала до овде. Сигурно парите ги изгубиле (украле) тие што биле задолжени (потпишани) за ПРОЕКТОТ. Изградбава на пругава е синоним на нашата држава, во една книга тргнувањето на возот се одложуваше затоа што луѓето не можеа да се одлучат со каква боја треба да го обојат. Полемики (војни) се водеа дали да биде црвен (портокалов) или син, и преку ноќ му се менуваше бојата. Тоа беше игра на која и нема крај, и се разбира возот не тргна (во книгата мислам), или сум го заборавил оптимистичкиот крај на книгава, затоа што од оптимизам овде веќе не се живее. И ние сме исти, правиме конфликти, и се конфронтираме на теми кои модерната демократија ги смета за исклучително осетливи и интимни. Мене баш ми е гајле за кого ќе гласаат комшиите, ја немам ни мајка ми прашано за тоа. Додека комшиите од поодамна веќе пуштија вода со тоа што на некој начин ни сугерираа за кого би требало ние да гласаме.
Проектот “Пруга” е од големо значење за нашава држава. Тоа би требало да биде патот кој ќе не однесе во толку посакуваната и од неродените ни внуци Европска Унија. А за пруга ни треба работна сила, која се помалку ја има во Македонија, затоа што на луѓето им е поубаво да се мезат, пијат ефтина ракија и филозофираат, отколку за ситни пари да работат по десет, дванаесет и повеќе часови и тоа неосигурани. Кога сите политички ставови, коментари, критики би си ги задржале во нашиве глави како дел од мисловната медитација на секојдневието, и братски (не како во времето на Тито), си плукнеме на рацете и сложно го реализираме овој проект, мислам дека нема да има потреба од чекање на реторички благонаклонети спрема нас и нашиот развој одговори од страна на европските пратеници и претставници од секој вид, туку сами ќе си ја завршиме работата, истите да не поканат без многу молби и лижење на стакленото ѕвоно.
Молкот е последниот крик на умот после ударот на `рѓосаната камбанарија во напуштените села.

сликичката е превземена од овде



Bookmark and Share


edit post

0 Reply to "Молк"

  • Related Posts with Thumbnails

    facebOOk_ing IN.the bOOkface

    videos from dokufest, BYF & future shorts

    Loading...