.
Го чувам насловот на овој пост во draft од 21.01.10 и помислив дека е крајно време да се ставам inside my account и да навезам една не толку добра везилка како везилката за која ќе пишувам.

Станува збор за дебитантската книга која пред извесно време доживеа промоција "Географија на маленкоста" од Ацо Гогов. Беше една вообичаена промоција како и стотината други на кои сум присуствувал или сум бил активно вклучен, на оваа како интерпретатор ( и не така добар ) како што очекував...најпрво почнав да читам на исклучен микрофон, кое беше доволно да тремата и адреаналинот ме пукнат во глава. Но, за тоа овде нема да пишувам..овде ќе напишам само една благодарност за почеток до Ацо Гогов (авторот) што ме покани да бидам дел од неговата промоција, пофалби до промотерите Жарко Кујунџиски и Трајче Бјадов, гитаристот кој едно писание од авторот претвори во прекрасна акустична верзија Горан Гогов...до публиката која дојде во солиден број, техниката, столчињата, прозорците, неискористениот клавир...

Вака, промоцијата се одржа во малата сала на Центарот за Култура во Струмица во средината на месец Јануари, во нормален термин како и сите вообичаени културни настани кои се одржуваат во нашиот град. Во книгата се искуцани за навек 40 (четириесет) кратки раскази поделени во 4 (четири) циклуса: Пред-слово, Слова, Пред слика и Слики.
Географија на маленкоста е издание на издавачката куќа Антолог и е дел од едицијата Дамар како книга реден број 5. Застапените рецензии за расказите на Ацо Гогов во книгата се на Јасна Котеска и Никола Маџиров, додека како рецензент и промотер на самата промоција со свој осврт беше Трајче Бјадов.

Во продолжение на овој пост ќе ставам делови од трите рецензии, не знам дали ќе бидат меѓусебно поврзани, но ова ќе бидат извадоци од нивните рецензии кои ќе се надополнуваат на моето читање на книгата. Никола Маџиров својата рецензија ја има претопено во кратки делови кои наликуваат на формата во која се изразува и самиот автор, додека Котеска концизно небаре во еден здив (каква е и самата книга за читање) одржува говор со кој ги повлекува конците од сите краеви до кои стигнал Гогов со своите зборови. За рецензијата на Бјадов не знам што да кажам ;) мене ми беше интересно додека ја слушав неговата споредба на Ацо со сите тие имиња на големци, доаени во македонската и светската литература, чунки јас лично исто стискам палци за Ацо Гогов биде запишан на таа листа.

Никола Маџиров
Разговор со пред-зборовите и зборовите
* * *
Повлекувањето линија врз белата хартија е првичното испишување на хоризонтот кој го дели зборот од затишјето, а знакот од заборавот. „Треба да се откопаат и зборовите!“, вели Ацо Гогов за археолошкиот локалитет од кој се откопуваат прстени, бакарни парички, парчиња од вази, шарени мозаици со коцкасти каменчиња... Потем ќе треба да се изгради музеј на изговореното, а никогаш запишаното.

Разговор со пред-сликите и сликите
* * *
„Приказната ја врамив во сопствениот собен прозорец. И ги спуштив ролетните.“ Така завршуваат приказните – без слика, светлина, без зборови што ќе се измолкнат низ дупчињата на ролетните. Секое слово е слика, а секоја слика е рамка за сеќавање.
Разговор со географијата на маленкоста
* * *
...„Буквите на денот се пред мене, трајни и непроменливи.“ Се менува само тој што запишува. И оној што чита. Ти, читателу, кој го претвораш молкот од оваа скапоцена книга во прва мисла.

Јасна Котеска
... Лесно е да се пишува во скрибомански напади, со многу реторика и украси, тешко е да се биде кондензиран, одмерен а бестрашен; а, некои од овие куси парчиња на Гогов, се ретки примери во македонската проза како да се изведе тој тежок а величенствен зафат. ...Гогов има великодушност на голем мајстор кој дозволува да изостанат ситните сврзници, затоа што големата проза се препознава точно во таа бестрашност кога знаеш дека не мора да ги отсвириш сите периоди од некоја мелодија за таа да биде разбрана.
Трајче Бјадов
...самиот наслов сугерира неколку прашања од типот: „кој сум јас?“, „кој е мојот простор?“, „како да го опишам и запишам?“, и што е уште поважно „како да го именувам?“. ....Гогов во својата книга кратки прози не вели дека го знае одговорот од спомнатите прашања, ниту пак стапува во некаков директен дијалог со наведената книга, но сите слова и слики во неговиот земјопис на маленкоста, се еден од можните одговори на прашањата: „А што беше пред зборот?“, односно, „Од што е составен зборот?“, конечно: „Што го предизвика зборот да се појави?“. Оваа книжевна објава е секако еден рид во тој згрчен простор, и поттик за едно творечко ослободување на Ацо Гогов, од кого во иднина очекуваме уште комуникација како читатели.
(рецензијата на Трајче Бјадов во целост може да ја прочитате на блогот на Презвитер Козма)

Сите испреплетени можни одговори на прашањата на кои Ацо, Трајче, Јас, Ти и сите ние пробуваме потсвесно да најдеме одговори, се играта која ме наведе и мене лично да ги оставам сите овие исечоци од Реалноста, Времето и Просторот што мене ми се случиле во оваа моја соба, навидум далеку од Светот, а толку блиска до сите што сакаат да влезат во неа. Ако уште го читате ова ви благодарам, се поклонувам со раце во мирна медитациона положба и ви посакувам пократки, но Вистински одговори, зборовни..напишани или ненапишани сеедно.

За крај неколку кратки прозни записи од Географија на маленкоста на Ацо Гогов, можни мисловни патувања, игра, одговор на Вашите очи благо наклонети кон овој мој интимен осврт за постоењето на уште една нова книга на полицата која ја полнам, но многу поретко ја бришам.


ПРЕД-СЛОВО
* * *
Треба да се пополни белината, читателу. Онаа белина која во исто време е и празнина– празен лист хартија, правоаголник на фејсбук, училишна тетратка. Онаа белина која не е ништо друго туку анкетен лист во кој ги оставаме (а што друго можеме!?) сопствените податоци. Погледни само како говорот човечки, грозен и убав, возвишен и низок, оставил траги-зборови по таа бела празнина, по тоа снежно поле. Кажи: постојам!


СЛОВА
* * *
Здиву, здиву, кој може да те опее тебе целиот? Ти го облекуваш – вели една атхарва-веда – битието на човекот. Вдиши, издиши, повторно вдиши.... Ти си, тоа е јасно, самиот живот, но ти си и уште повеќе – самиот говор. Една воздушна река од длабочините на градите се качува угоре, во усната празнина, и во невидлива игра (заби-усни-јазик-непца) ги растркалува зборовите-мониста. Озвучен е животот. Молкот е забранет.


ПРЕД-СЛИКА
* * *
Еј, музо, Калиопо верна! Тешко е, знам, да се чујат сите молби што доаѓаат оздола, од нас смртните, расфрлани отпадоци по улиците на земјата Безименија. Го носиме, сестро, животот како стари и износени фармерки; ги прицврстуваме покривите на сопствените желби, го кастриме троскотот во дворовите, ја косиме тревата и ја уредуваме геометријата на нашите души. Прозборувај ни понекогаш, друшке, насликај ни ја сеприсутноста!


СЛИКИ
* * *
Нечие присуство виси во воздухот. Знаеш по накршениот таван, по виљушките кои ти паѓаат од рацете. Можно ли е тоа да е само есента која, штотуку пристигната, ја поттура тежината во просторот? Или се тоа заборавени предци кои, невидливи, сакаат да ја вкусат вечерата? Отвори ја вратата, пушти го внатре присуството кое ти виси на слепоочниците. Дури тогаш ќе можеш да го видиш таинството: црно или бело, надвор од зборовите!

...го заборавив, но не го испуштив :)
Ако ви се допаднаа овие четири записи, а сеуште ја немате книгата, продолжете со останатите кои беа објавени пред промоцијата во Дневник.



Bookmark and Share


edit post

0 Reply to "Географија на маленкоста"

  • Related Posts with Thumbnails

    facebOOk_ing IN.the bOOkface

    videos from dokufest, BYF & future shorts

    Loading...