автобуска приказна

Posted on 2:43 AM, under


Синоќа сум заспал некако неподготвен. Се разбудив утрово во четири, иако требаше половина час покасно. Телевизорот работеше како во моментото кога слушам вести, гласност висока и светлината како по времето после вестите на А1 телевизија. Заспав гледајќи филм на кој сега во моментот неможам ни да се сетам, а мислам дека нема да има потреба никогаш ни да мислам понапорно за да се сетам. Имаше уште десетина минути до четири кога ги отворив очите за прв пат, и инстиктивно со огромна мрза повторно ги затворив со идеја да продолжам да спијам, иако светлото во собата работеше и телевизорот исто така. Но, повторно ги отворив, и се сетив зошто овојпат мојата интуиција работи и нема да успеам да спијам повеќе. Имаше уште два часа да се подготвам за патувањето кое ми претстоеше, без разлика на тоа дека многу ми се спиеше, а имашe поминато само околу осум часа од претходното патување кога се вратив дома. Лежев уште малку во креветот, но нестрпливоста да станам и да се подготвам ме притисна и станав. Вообичаено подготвување. Извадив неколу користени маици од ранецот, блузите ги вратив и си помислив дали и овојпат да земам дебело зимско палто на почетокот на есента, но решив да не го земам со мене затоа што овојпат одев за Битола, а синоќа се вратив од Софија каде се разбира е малку постудено дури и во есен. Погледнав низ прозорецот да видам дали ќе патувам повторно по дожд и бев малку среќен кога видов дека времето е мирно и нема дожд. Не ми е пријатно кога сум натоварен со прилично голем ранец и уште еден помал, и згора на тоа и да врне. Ја разбудив мајка ми да ми свари кафе и да се испратиме. Го пиев кафето полека и размислував дали да тргнам пеш до автобуската станица или да си викнам такси. Погледнав во часовникот беше околу пет и неколку минути и решев да одам пешки и да се раздвижам малку и да се подготвам за седиштето во автобусот кое во последно време ми стана мојот втор “омилен” кревет. Пред да си го ставам ранецот на грбот се сетив дека треба да си ја земам новата паста од купатилото и да земам неколку стапчиња за чистење на уши. Се вратив во собата, го зедов мобилниот телефон и кога видов колку е часот, сфатив дека мојот нормален часовник доцни со околу петнаесет минути. Ја избрав втората опција како да стигнам до автобуска затоа што за првата веќе немав време. Се јавив на такси, повикав и остануваше да чекам да дојде. Овој ден го започнав доста конструктивно. Таксистот немаше пари да ми смени и застанавме на едно Tобако да си купам цигари и се разбира да ги сменам парите. Во исто време заедно со мене стигнаа и весниците, така решив освен цигари да си земам и весник и место да спијам да го поминам времето во автобусот во дознавање на настаните за денес уште рано наутро. На автобуската станица стигнав на време, си купив билет и имав време да испушам една цигара пред да тргнеме. Времето за една цигара се претвори во време за две така да испушив две цигари. Почна да се разденува кога тргнавме и ми се допаднаа боите на небото кои како да ја разбиваа ноќната темница и полека ја испраќаа месечина како срп, да оди на спиење. Не бевме ни излезени од Струмица кога веќе можеше нормално да се гледа без дополнителна светлина од престарите сијалици овде во автобусот. Го отворив весникот во кој имаше уште еден весник гратис и почнав полека да читам свесен дека ако не друго си најдов нешто да се занимавам и анимирам додека патувам. Решив овојпат да читам по ред, а не како секогаш само култура, иако не мислам дека политиката во нашава држава е толку занимлива за читателите. Сепак “претседателот” на нашава мала држава вчера беше на состанок во Америка, а и премиерот имаше некаков состанок со претставниците на политичките партии кои се во парламентот. Така си читав се додека не стигнав до Неготино каде имаше пауза од десет минути и немаше повеќе страници на весниците кои би можел да ги читам, освен оние за спорт што и не ми се баш занимливи. Се качивме во автобусот после паузата и решив да го отворам лап топот и да почнам да го пишувам ова како солуција место спиење. Германец убил дете од 11 месеци и тоа сопствено, не дека тој го родил, но негово било. Го нашле бебето на подот во станот избодено со нож, таткото сам се пријавил, а за мајката не пишуваше ништо. Се мислам зошто всушност ја малтретирал жена му да носи девет месеци дете во стомакот за после истото време за детето надвор со плус два месеца да му го земе животот. Подобро да не ја мачел ни жена му ни тој да се измачува. Можеби пак детето имало мана и не сакал да го мачи детето цел живот па сакал да му ги скрати маките со кои ќе се сооучувал и тој и неговото дете во текот на животот кој му претстоил на детето. Таква информација немаше. Или пак разбрал дека детето не е негово и дека жена му го изневерувала. Но, така пак не е криво тоа мало суштество за тоа ако треба некој да ја превземе вината тоа како прво се разбира треба да биде жена му,а како второ швалерот се разбира. Груевски во последно време само се маши да му каже нешто на претседателот не ми е јасно зошто не отиде директно во неговиот кабинет и не се реши ова еднаш за секогаш, како во крими детективските филмови. Да ја отвори вратата, да влезе и да му каже друже претседниче еве јас дојдов да ти кажам лично и персонално да си ги собереш парталите и да си одиш еднаш засекогаш од политичката сцена, затоа што ти презентираш лош естаблишмент. Па не е само кокаин и виски естаблишмент. Да го каже тоа и да стане да си оди задоволен ако не за тоа дека тој навистина ќе си оди за тоа што барем ќе си ги излечи комплексите како вмровец кој не ги сака есдеесовците. Политиката на моменти ме иритира до тој степен да не сакам воопшто да размислувам на тема политичари, политички маневри, падобранци. Како моше место политичари оваа држава да раѓа дегенерици чија животна желба им е да носат костими и луѓето да им должат пари. Нели политиката е измислена за да има рамноправност и луѓето да имаат еднакви возможности. Можеби и некој од младите перспективни политичари за десетина години ќе се сети за тоа, а можеби и ќе го примени. Па да нема луѓе кои даваат пари и луѓе кои должат пари, а да се мисли дека просечната плата е 17 500 денари, а луѓето работат за седум илјади и тоа со се парите за јадење на работа (хранарина). На политиката и нема крај како и на мизериите со кои се соочува сегашниот човек. Секогаш кога размислувам за политика ми е толку лошо што станувам експерт како и сите граѓани на Македонија затоа што поради тоа што немаат што да работат зборат само за политика и во текот на овие осумнаесет години имаат направено такви експертизи што можат на секое прашање да најдат одговор, и на секој проблем решение, ама само теоретски. Но, весникот немаше само политика за среќа. И црна хроника.Од утре почнува филмскиот фестивал Манаки во Битола. Супер. И јас сум во Битола. Ќе можам ако не повеќе да одам и да се видам со некои луѓе со кое се запознав во Косово на Докуфест. Фестивал исто така за филмови, но документарни. Ме изненади програмата на фестивалот Има играни, краткометражни, студентски. Се надевам нема да имам многу обврски со проектот поради кој одам за Битола и ќе го посветам моето време за филмската програма. Утре има и интересен перформанс во Скопје на настанот Бели ноќи, би сакал да можам да се поделам и да присуствувам на двете т.е. трите работи во исто време. Криво ми е на моменти дека на сум на програмата на Бели ноќи оваа година, иако можев да бидам со некаков перформанс или што нема да можам да сум на Манаки филмфестот постојано па макар и да работев нешто како и на некои други филмски фестивали. Можеби следната година. Ми исцезнаа повеќе од настаните кои ги прочитав, а баш уште некои од нив сакав да ги искоментирам. Уште сум во автобусот, до Битола има уште еден саат патување. Но мозокот ми се презасити со активности ова утро и сакам да оставам уште малку батерија на машината на која пишувам за да можам да си проверам mail кога ќе стигнам за ако евентуално има потреба да се координирам за младинската работа што треба да ја работам во текот на овие неколку дена. А и автобусот доста тресе така да ја завршувам оваа автобуска приказна во автобусот каде всушност и ја започнав.

edit post

0 Reply to "автобуска приказна"

  • Related Posts with Thumbnails

    facebOOk_ing IN.the bOOkface

    videos from dokufest, BYF & future shorts

    Loading...