Како дел од сцената за современи уметности на Балканскиот Младински Фестивал имав можност да учествувам со цртање на две улични слики. Атмосферата додека цртав беше пријатна, локални жители правеа прошетка по патеката која води кон летниот театар и паркот од страната нагоре или кон центарот на градот од страната надоле. Бевме распространи во малата шумичка наспроти хотелот Сандански, која само го најавува убавиот и голем парк. Некаде наспроти играа брејкери на HIP-HOP, R&B и brake beat музика.



Во воздухот се чувствуваше миризбата на боите, џагорот од тропотењето на лагерети во конзервите на спреовите. Со насмевка ги пречекав малите кои дојдоа и ме прашаа што цртам, затоа што јас цртав првиот ден кратеница од зборот YOUTH како (U - TH), и беше тешко да се препознае. Ме прашуваа за изборот на боите, па зошто сум избрал да го цртам овој збор. Им одговарав дека иднината се наоѓа во рацете на младите, дека сите млади заедно можат да направат подобро утре. На некого кажав дека навистина во реалниот живот доколку редовно добиваш материјал и простор каде би можел да се изразиш како автор кога сакаш, тогаш зборуваме за вистински прогрес во општеството, во кој се чул гласот на младите и се реализирал во суштина.



Завршивме со цртањето ги поставивме делата наоколу потпрени на дрвјата во алеата пред паркот, различна јачина на светлината од уличните светилки допираше до обоените површини, даваше отсјај на сликите кој ги правеше уште по привлечни. Луѓето кои одеа кон концертот на Балканскиот Младински Фестивал имаа прилика да го видат самото поставување на ноќната улична изложба како и неосетниот премин во откривање на изложбата.
Ранецот на грб, круг околу изложбата, воодушевување и пат под нозе кон концертот.



...

На вториот ден кога повторно се случи сцената за современи искуства и повторно цртавме, решив да цртам карактер со некоја содржина околу него. Сакав моментот да удира и на соджината и на карактерот, затоа избрав поедноставен лик и не толку сложена приказна наспроти него. Сакав приказната да покажува дел од визијата на еден млад човек и така да се надоврзува оваа слика со претходната тема U-TH. Овој пат избрав да цртам на хоризонтална површина и зедов материјал долг околу 4 метри. Откако го наместив ликот во почетокот на сликата решив да претставам моја визија на механизмот на еден часовник, или процесот на движењето на времето, со повеќе бои во него. Секоја, посебна состојба во која се наоѓа секој млад човек. Некој од деловите се поделува, станува од едно две и повторно преминува во едно.



Ме импресионира еден старец, локален фотограф кој го следеше мојот процес на сликање и ме замоли за една фотографија. Знам дека нема да ја видам оваа фотографија, но некако се почуствував убаво кога побара да ме фотографира. Го видов како го гледа животот низ призмата на неговиот објектив и сакав да бидам дел од таа лента. Го знам од минатите години. Тој е еден од постарите поддржувачи на фестивалот. И за него е фестивалот добар. Го прави да се чуствува помлад, и за мене разговорот со него беше лекција, го следев смирено додека кажуваше дел од неговата приказна и начинот на кој го отпоздравуваа локалните граѓани. Ми кажа дека му се допаѓаат боите и концептот, му се заблагодарив, и за фотографијата исто така.



Ја завршив сликата неколку минути пред да почне концертот, ги распоредивме делата повторно, интимно меѓу нас учесниците ја прогласивме и оваа ноќна изложба за отворена и со ранците на грбот заедно со толпата на луѓе упатени кон театарот побрзавме да стигнеме за почетокот на концертот.

English version of the story you can read here!



Bookmark and Share


edit post

0 Reply to "Potru actiON!"

  • Related Posts with Thumbnails

    facebOOk_ing IN.the bOOkface

    videos from dokufest, BYF & future shorts

    Loading...