“Монотонија“ на Бобан Богатиновски [промоција]
Posted on 4:16 PM, under book, literature, novel, promotion, Бобан Богатиновски, книга, Митко Гогов, Монотонија, промоција, роман, Струмица, текст
0
.ова е една промоција која ја реализирав пред неколку месеци. поради немањето доволно време да пишувам за сите блогови до сега овој текст не беше ставен овде. значи, со Бобан пријателството го започнавме за време на една друга промоција на која учествував, 'географија на маленкоста' на Ацо Гогов пред година и повеќе во центарот за културата во Струмица.
идејата за промоцијата на Монотонија беше да се направи алтернативен настан во Струмица преку кој граѓаните ќе можат да се запознаат со книгата, нејзиниот автор како и содржината на самата книга. со Бобан разговаравме долго за локацијата и самата промоција, бидејќи промоцијата требаше да се случи пред да одам за Франција, а се случи откако се вратив. [one year after]
за промоцијата решивме дека најдобро ќе биде доколку освен класичниот начин на презентирање на книгата, со критички осврт и мал разговор, ја надополниме со видео арт проекција, како и џез концерт кој треба да започне веднаш после официјалниот дел од промоцијата. така и беше, промоцијата помина одлично, публиката (во не толку голем број) задоволна од тоа што го виде и слушна како и медиумите кои се здобија со една информација повеќе. се надевам соработката со Бобан Богатиновски ќе продолжи и во иднина и струмичката публика ќе има повторно можност да се запознае со неговото творештво.
текстот во продолжение беше постиран после настанот на порталот на strumica.net, a го напиша прекрасната Тања Грошева. и' благодарам за тоа!
* * *
- Имаш ли идеја што можеме да правиме ние двајцата, а притоа добро да се чувствуваме? Михаил само се насмевна. Претпоставував дека помисли на неколку згодни девојки и добра забава.
- Мислиш на привремено задоволство. Постои привремено и постојано задоволство.
- Она привременото, привременото - се насмеав.
- Почна ли да се буди татковскиот нагон во тебе - прашав?
- Јас ќе имам деца во рајот.
- Како мислиш во рајот?
- Рајот ќе биде на земјата, не на небото.
- Ова мене ми звучи на утопија. Има работи од кои можеме да се откажеме и работи од кои не смееме да се откажеме - констатирав.
Што всушност очекував од Јеховините сведоци. Внимание, љубов?! Можеби едноставно уживав во нивното друштво. Да, тоа е вистинскиот одговор. Уживав во нивното друштво, посебно ако беа вешти во уметноста на конверзацијата.
Неизбежно е... ако зборуваме за едно маркантно дело што синоќа доживеа претставување и промоција пред струмичкиот аудиториум на читатели, да не го почувствуваме неговиот мирис и вкус барем од далеку, барем малку за да можеме да се доближиме подобро до духот и содржината кое го носи истото. Овие претходни редови или дијалог не се од мене туку така извадени, туку баш поради причината која ја веќе спомнав, подобро да се доближиме до книгата “Монотонија“ произлезена од интригантното перо на авторот Бобан Богатиновки.
Книгата “Монотонија“ со својот одраз во огледало претставува роман-исповед, роман кој го потврдува Бахтиновиот став дека во самопресметката - исповед е потребен друг судија, кој мора да заземе став кон ученикот, но и ученикот е оној што суди. Соочувањето со другиот како начин за пат до себе си е фатално за ликовите во книгата, како што пишува и во самиот поговор кон делото.
Книгата е издание на “Култура“, а нејзиното вистинско претставување синоќа пред струмичките љубители на убавиот збор беше овозможено секако од нејзиниот промотор, познатиот уметник Митко Гогов, каде на најсуптилен начин ја прикажа самата убавина на оваа книга гледајќи ја нејзе како книга за локалната култура, комуникацијата, за лажното препознавање, за идентитетот. Како паралели помеѓу малиот град, умот како целина, манастирот и неговите конаци како прибежиште од еден мал свет, во друг уште помал. Како желба да се пронајдат одговори кои ја кристализираат медитацијата на умот и раѓаат спокој во душата.
Всушност во еден дел од неговото целокупно исцрпно излагање читателот се фати како риба на мамка од јадица за да се појави желба оваа книга да биде следното негово книжевно уживање, и неизбежно е да го цитирам овој дел на промоторот Гогов:
“...И на Господ му е досадно“... така авторот се обедувa да ја оправда дефиницијата за колективната монотоност на нашето општество и тоа не индиректно, туку директно во конкретни разговори со луѓе од mainstream таборите на повеќето верски институции од државата.
Со оваа промоција која резултираше со голема заинтересираност, остана интригата дали најсилниот мотив на авторот Бобан Богатиновски е силниот христијански порив да преку монотонијата на баналните размисли за се', во се' и над се' да воведе драматургија која преку главниот лик гротесно ќе ја обликува судбината на луѓето кои херметички размислуваат?! Одговорот се наоѓа со вртењето од првата па се до последната страница на ова дело, а и дури и кога би го завршиле, дали би дознале?!
Очекувањата се ова дело да стане помеѓу најдобрите бестселери во државата. Веќе се наоѓа во потесниот круг или поконкретно кажано со помината прва селекција за “Роман на годината“ за избор на најдобар роман напишан на македонски јазик при конкурсот на “Утрински весник“. Како што ни се претстави и самиот автор “ова дело со стекнувањето на неговата зрелост го чека долга и голема иднина“, со досега соочената прифатеност и критика гордо би признале дека е во право.
Кој е всушност Бобан Богатиновски?!
Автор кој е роден 1971 г. во Куманово, дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, што и самата негова природа зборува многу соочувајќи се со фактите дека автор е на многубројни издадени книги досега, поезија меѓу кои: “Луцидни халуцинации“, “Прекрасен ден за умирање“, “Светлината е посилна“, “Барајќи карпа за молитва“ како и на романите “Соба за разговор“, “Коцкар“ и последната – најновата, романот “Монотонија“. Воедно член е на Друштвото на писателите на Македонија. Објавувал во сите позначајни литературни списанија. Застапен е исто така во хронолошките прегледи на помладата македонска поезија и дел од неговата поезија е препеана и објавена на бугарски, романски, словенечки и англиски јазик.
Струмица е град кој има големо срце и уште поголема душа, и секогаш е добар домаќин и топло ги пречекува овие збиднувања. Што исто така беше случај и со претставување на ова дело – колку повеќе има претставување на вакви големи имиња и дела толку градот, а и живата материја во неа се храни со духовност. Честа на ова преставување ќе го искажат домаќините со уште еден краток пасус од самата книга, а тоа би било ова: “Ако посакувањето се случува во мислите, тука нема дело, нема грев, ниту докази за сторениот грев. Помислите имаат индивидуална димензија, се случуваат во нашата глава и се' уште на никој не му имаат наштетено“...
.